Нови печати за нов корпоративен идентитет (Corporate Identity)


Секој бизнис сектор си има свои карактеристични симболи. Адвокатите, нотарите и судиите ја имаат Јустиција. Лекарите и фармацевтите го имаат т.н. Асклепиов стап. А, преведувачите, толкувачите, лекторите?

Токму поради тоа што тие немаат некаков свој карактеристичен симбол, многумина од нив, повеќето како фриленсери, се потонати помеѓу масите - и, рака на срце, колку од нив имаат лого или дури и веб-сајт?

Покрај своето лого - спротивставените иницијали на моето презиме гледајќи кон минатото и иднината, длабоко вкоренети како дрво, создавајќи една целина - се одлучив и за нови печати. Нови печати за нов имиџ. Изработката на веб-сајтов во истото време беше совршен тајминг кој ги спои коцките.

Не сакав да имам еден од оние класични печати во сина боја со одвратен изглед. Се одлучив за беспрекорен спој на сериозност и современост. Дрвениот печат е симбол за сериозност и традиција, црната боја е симбол на класична безвременост, а фонтот и дизајнот на печатот го истакнуваат современиот изглед.

За изработката на моите печати ангажирав никого друг освен најдобриот во својот занает - австриската компанија Trodat - која, патем, во 2022 година го прославува своето 100-годишно постоење и која понатаму останува симбол за традиција и квалитет во изработката на печати.

Убаво дизајнирани печати и веб-сајт се само мал дел од целокупната слика на еден професионален имиџ. И, следниот пат кога ќе поминете покрај некоја преведувачка или нотарска агенција, обрнете внимание на вакви мали детали и дали тие ќе влијаат врз вашите одлуки при следно користење на било која од нивните услуги - бидејќи, како што знаеме, »Ѓаволот е во деталите«.


Текст: © Мирослав Божиќ, М. А.