Мојот принцип на работа


Ви треба судски превод, но не знаете како да започнете? Следниве неколку одговори ќе Ви бидат корисни при започнување соработка со мене и ќе заштедите на време и нерви.

Што му е потребно на преведувачот?

+

Scan

За судски превод, преведувачот има потреба од јасен scan од оригиналнот. Некои служби бараат оригиналите да бидат припоени кон преводот, но за сигурност секогаш информирајте се однапред за условите на службата на којашто судскиот превод ѝ е потребен.

Scan не е исто што и фотографија направена со мобилен телефон. Поради, најчесто, лошиот квалитет на фотографиите, принципиелно не преведувам од фотографии поради нечитливоста.

Во случај клиентот да нема друг начин како да ми го достави документот освен како фотографија направена со мобилен телефон, степенот на читливоста како и вложениот напор од мојата страна и одземеното време ќе се одразат врз висината на цената.


Оригинал

Доколку дотичната служба бара оригиналот да биде припоен кон преводот, тогаш ми го испраќате документот по пошта. Ви препорачувам да го испратите како препорачана пратка – така не може да се изгуби по пат – на следнава адреса: ул. 2 бр. 74А, нас. Визбегово, 1010 Скопје, Македонија.

Совет: Направете scan од оригиналот и испратете ми го по е-пошта како би можел веднаш да започнам со преведувањето.

Како изгледа еден судски превод?

+

Еден судски превод се состои од следниве документи (во следниов редослед), припоени еден кон друг со златни дрекери:

  • преводот од оригиналот;
  • клаузулата на заверка на преведувачот во којашто тој потврдува дека текстот е точен и веродостоен превод од оригиналот;
  • фотокопија на оригиналот (во истиот редослед);
  • преведувачот ја заверува секоја страна со печат и потпис и ја потпишува клаузулата на заверка

Неретко е потребно да се достави само обична фотокопија на судскиот превод. Сепак, можно е и да е потребно само да доставите дигитална верзија. Дотичната служба ќе наведе каков начин на достава претпочитува.

Апостил, легализација или ни едното ни другото?

+

Секоја служба којашто има потреба од судски превод си има свои услови, затоа е важно да ги дознаете однапред.


Апостил

Апостил печатот е печат од судот. Доколку државата, во којашто се наоѓа службата за којашто судскиот превод е наменет, е дел од Апостилската конвенција, тогаш Ви е потребен само Апостил печат. Доколку тоа не е случајот, тогаш Ви се потребни печати за легализација.

Апостил печатот може да го добиете во секој Основен граѓански суд во Македонија.
За подрачјето на Град Скопје, Основниот граѓански суд Скопје е сместен во т.н. »Судска Палата«, бул. Гоце Делчев бр. 4, 1000 Скопје. Доколку документот е наменет за странство, легализацијата на документот со Апостил печатот се врши во Министерството за правда.

Работно време на Основниот граѓански суд Скопје:
секој работен ден од 07:30 часот до 15:30 часот


Легализација

Доколку вашата држава не е дел од Апостилската конвенција, тогаш Ви се потребни печати за легализација. Истите можете да ги добиете во Министерството за правда, ул. Димитрие Чуповски бр. 9, 1000 Скопје.

Работно време на Министерството за правда:
секој работен ден од 08:00 часот до 16:00 часот


Амбасада

Постојат ситуации кога, покрај Апостил печатот или легализацијата од Министерството за правда, е потребно документот да има легализација од амбасадата на државата во којашто се наоѓа службата за којашто е наменет судскиот превод. Затоа, информирајте се во дотичната амбасада доколку се најдете во таква ситуација и информирајте се околу трошоците за постапката на легализација.


Ништо

Можно е и ништо да не Ви е потребно од горенаведените работи. Затоа, секогаш информирајте се однапред кај дотичната служба и нејзините услови во врска со судски преводи.

Колку Апостил печати или легализации Ви се потребни?

+

Секој документ треба засебен Апостил печат или легализација, освен ако не е одредено поинаку. Тоа значи дека не можете да припоите повеќе документи едни кон други како би заштедиле на пари – судските преводи, во таков случај, нема да бидат прифатени од службата за којашто се наменети.

Трошоци

+

Во Основниот граѓански суд Скопје, таксата за Апостил печатот чини 300,00 денари. Во Министерството за правда, таксата за Апостил печатот, односно легализацијата, чини 100,00 денари за еден документ, а 50,00 денари за секој дополнителен документ. Постапката можете да ја извршите лично. Доколку сакате, можам да Ви понудам лично да се погрижам за потребните легализации на вашиот документ за надомест за услугата.

За сите мои преведувачки и толкувачки услуги, тарифите ги утврдувам согласно Тарифникот за судски превод и толкување од Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија (ЗПРМ). Наплатата на истите се врши преку трансакција во банка. За толкувачките услуги, дополнително постои опција за плаќање во готово и на лице место на толкувањето.

Испорака по пошта

+

Можете да дојдете лично и да го подигнете вашиот судски превод во мојaта канцеларија, на ул. 2 бр. 74А, нас. Визбегово, 1010 Скопје, Македонија, исклучиво по најава однапред, или судскиот превод ќе го добиете преку FedEx.

Тарифите за испорака на пратка со тежина од 250 г се следниве:

  • Во Македонија:
    од 250,00 MKD
  • Во Европа:
    1 860,00 MKD (Зона 9 до Зона 11) или 2 136,00 MKD (Зона 12)
  • Надвор од Европа:
    1 710,00 MKD (Зона 1) или од 2 155,00 MKD (Зона 2 до 8)

Напомена: Тарифите се предмет на измени од страна на FedEx. За прашања поврзани со тарифите во вашата држава или за дополнителни прашања, Ве молам, обратете се во вашата најблиска FedEx филијала или до корисничката поддршка на FedEx.

FedEx, по правило, испораката ја врши во рок од 3 работни дена помеѓу 8:00 и 18:00 часот (локално време), освен в недела и на државни празници. Ве молам, имајте на ум дека ќе треба да ја потпишете потврдата за прием пред да ја преземете вашата пратка.

Штом ќе се испрати истата, добивате »Track & Trace« код преку SMS или е-пошта со којшто ќе можете да ја следите преку »FedEx Mobile App«, достапна бесплатно на Google Play Store и Apple App Store.

Совет: Доколку се одлучите да ми го доставите документот за преведување по пошта, Ве замолувам истото да го сторите со FedEx, со цел да го изготвам потребниот судски превод во најбрз можен рок, а Вие да го имате в раце само неколку дена подоцна.

Друга јазична комбинација

+

Доколку имате потреба од судски превод на јазик за којшто не сум поставен како постојан судски преведувач, Ве молам, посетете го Јавниот Регистар на судски преведувачи при Министерството за правда или обратете се кај моите колеги од Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Северна Македонија (ЗПРМ) кадешто ќе најдете постојан судски преведувач за посакуваниот јазик.

Јавниот регистар на судски преведувачи при Министерството за правда Ви овозможува да го прецизирате пребарувањето со избор на посакуваниот јазик и јурисдикција (седиште на судот).

Дополнителни прашања?

+

Пишете ми или јавете ми се, и со задоволство ќе Ви одговoрам на сите ваши прашања.